Петар Печков
Објавено: петок, 12 ноември 2010
Обвинителството повикувајќи се на сведочењето на заштитниот сведок ги посочи браќата Љупчо и Ордан Георгиевски за извршители на убиството на Лазо Милошевски од велешкото село Ореше, додека нивните адвокати можните сторители ги побараа во сведоците во овој судски процес, беше кажано во завршните зборови од главниот претрес во случајот ,,убиството во Ореше,, .
Браќата Георгиевски се обвинети за убиството на Милошевски кое е извршено на 2-ти декември 2005-тата година во селото Ореше околу 20,45 часот со истрел од калашников додека старецот подготвувал вечера. Едниот куршум завршил во куќата додека другиот во Милошевски. Обвинителството во завршниот збор ја исправи сумата за која е извршено убиството, кое според нив го нарачал Ѓоре Петровски од САД поради одмазда за 20 илјади долари, а не за 50 илјади како што досега стоеше во актот. Обвинителот како клучен доказ го посочи сведочењето на заштитниот сведок именуван ,,Бреза,,.
Исказот на ,,Бреза, во истрага и на главен претрес дека Ѓоре Петровски му се јавил до САД да им ја даде пушката на браќата за вечерта да пукаат кон Милошевски, што тој после големи морални дилеми не го сторил, како и неколку дена друго јавување со кое барал да ја земе рамката од пушката со која е пукано, во дол во близина на селото, јасно покажуваат дека браќата се сторители на делото. Дополнителен материјален доказ е полиграфското сведочење на Љупчо каде недвосмислено се покажува дека тој има врска со извршувањето на убиството - изјави обвинителот Ивица Ефремов.
Тој за веродостојност на сведочењето на Бреза се повика на психијатриското вештачење, каде докторите утврдиле дека не измислува, не фантазира и реално ги прикажува работите пред судот. Бранителите на обвинетите пак го посочија заштитниот сведок Бреза и друг сведок како можни сторители.
Што ако ,,Бреза,, ја извршил егзекуцијата па преку обезбедување на статус заштитен сведок сака да си прибави корист за себе. Тој измислува приказна и ги обвинува браќата Георгиевски, посочувајќи ги сите докази на нивна сметка. Згора на тоа главниот материјален доказ, рамката за пушката, од која наводно се пукало е најдена на 10-ти октомври 2008-та а сведокот Бреза прв пат ја споменува месец дена подоцна на 15-ти ноември. Можно е тоа како доказ да му е сугерирано од некого. Таа е најдена во непрегледен дол, долг километар и повеќе, каде тешко и дење ќе се снајде човек а не ноќе кога според записникот е откриена – изјави адвокат Коста Нојков.
Неговиот колега Ѕвонко Давидовиќ сметаше дека во истрагата слабо се обработени материјалните докази од лице место каде е пукано кон Милошевски.
Од местото каде е пукано, каде се најдени четири чаури, најдени се четири траги од обувки, но не е докажано дека ниту една од нив е на обвинетите. Напротив во правецот каде се движел убиецот, кон излезот од дворот има отпечатоци само од сопственикот на имотот Кољо Вељановски. На лице место има и отпушоци за кои е утврдено дека е од женско потекло и од нулта крвна група а обвинетите се друга крвна група. Следниот ден како осомничени, со група соселани, од нив се земени парафински ракавици кои биле негативни, исто како и од облеката. За разлика од нив кај еден соселанец, сведок во процесот, на облеката има нитратни барутни честички а на полиграф е утврдено дека тој лаже – изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Тој потсети дека од преглед на трансакциските сметки е утврдено дека обвинетите добиле само 3.250 долари, наспроти тврдењето дека делото го извршил за 20 илјади долари. Од прегледот на оптекот на парите тој посочи дека десетина лица во Македонија добиле многу повеќе пари од браќата Георгиевски а меѓу тие што добивале пари е и девојката на заштитениот сведок,,Бреза,, со повеќе исплати на долари. Петчлениот кривичен совет од Основниот суд во Велес најави дека пресудата ќе ја соопшти в среда. Претходно браќата беа осудени на по 12 години затвор, но Апелација го врати делото на повторно судење.
Tweet |